ЕУРО 2020: На програмата најголемото островско дерби, Хрватска ќе се „вади“ со Чешка, Словачка по ново изненадување

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По вчерашниот настап на Македонија и поразот од Украина, и после победата на Холандија со која и дефинитивно стана јасно дека нашиот национален тим е елиминиран од ЕУРО 2020, денеска на програмата три нови натпревари.

Најинтересно ќе биде вечерва во 21 часот каде на Вембли во Лондон, се игра големото островско дерби меѓу Англија и Шкотска. Нивните дуели секогаш биле интересни и неизвесни. Англија уште вечерва може да обезбеди пласман во следната фаза со победа, додека Шкотска ќе мора да се поправа за поразот од Чешка, и да бара начин како да изненади за да ги задржи шансите за пласман во 1/8 финалето.

Во истата група Хрватска во Глазгов игра против Чешка. Чесите во првото коло ја изненадија Шкотска победувајќи ја со 2:0, па сега добар резултат со Хрватска, може да ги однесе во позиција да се борат и за првото место во директниот дуел со Англија во последното коло. Хрватите, пак, немаат право на грешка, и не смеат да си дозволат да го загубат овој меч, во спротивно им се заканува испаѓање од ЕУРО уште во групната фаза.

Шведска и Словачка ќе ги одмерат силите во групата „Е“ во Санкт Петербург. Словаците влегуваат во пресметката со три бода освоени во дуелот со Полска, додека Шведска се избори за бод против Шпанија, и сега со голема самодоверба влегува во овој натпревар. Победа на Словачка ќе значи обезбедено 1/8 финале, додека Шведска ќе направи голем исчекор во следната фаза доколку успее да го добие овој меч.

ЕУРО 2020, 17.06.2021

15:00 ч. ГРУПА Е: Шведска – Словачка (стадион Газпром Арена во Санкт Петербург)

18:00 ч. ГРУПА Д: Хрватска – Чешка (стадион Хемпден парк во Глазгов)

21:00 ч. ГРУПА Д: Англија – Шкотска (стадион Вембли во Лондон)