Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема излевања на истите.
РЦУК – Скопје известува дека по остварените контакти со лицата надлежни за состојбата на терен со врнежи од снег и дожд, добиена е информација дека на територијата на РЦУК Скопје нема поплави и нема недостапност на патиштата поради наноси на снег.
РЦУК – Битола известува дека од обилните врнежи од дожд на подрачјето на општина Битола во атар на с.Дохово каде е излеана Диховска Река и поплавена е помала земјоделска површина. Нема загрозени објекти. Известени се ЕЛС Битола и ЈП Нискоградба и во моментов екипите се на увид.
– Излеан канал кај Брусничко Лавчански регион 1. Известени се ЕЛС Битола и ЈП Нискоградба и во моментов екипите се на увид.
– Во атар на с Породин излеан е канал и поплавена е Живинарска фарма. Известени се ЕЛС Битола и ЈП Нискоградба и ЈП Битолско Поле.
– Нивото на Црна Река на територија на Општина Новаци е покачено без опасност од излевање и поплавување.
Од РЦУК Д.Хисар, Крушево, Прилеп и Ресен добиено е известување дека до моментов нема пријави за загрозени објекти, и излевање на води.
РЦУК – Струмица, известува на територијата што ја покриваат (Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш), врнежите се од дожд и досега нема пријави.
РЦУК – Охрид, известува дека на територијата која ја покриваат (Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Македонски Брод), има врнежи од дожд кои се со намален интензитет во однос на утринските часови. Сите реки (Радика, Црн Дрим, Сатеска, Треска и Коселска) се во пораст но нема излевање.
РЦУК – Тетово, известува дека на територијата која ја покриваат (Тетово и Гостивар), по извршените контакти со ПС Попова Шапка добиено е известување дека на Попова Шапка сеуште врне дожд. Од контакт лицата од сите ЕЛС добивме известување дека полека дождот престана да врне и ситуацијата е стабилна и е под контрола. Од ПС Гостивар исвестени сме дека во Гостивар сеуште врне, и ситуацијата е под контрола. Од ПС Маврово добиено е известување дека дождот полека се намалува, и дека екипи од Мак.пат, Шумско и ПС Маврово интервенирале на паднати 3 дрва на патот кон Маврово.
РЦУК – Велес, известува дека во регионот кој го покриваат (Велес, Чашка, Градско, Кавадарци, Росоман, Неготино, Демир Капија, Св.Николе и Лозово), врне слаб дожд со повремени краткотрајни прекини. Нема услови за излевање на водите од речните корита и создавање на порои.
РЦУК – Штип, известува дека на територијата која ја покрива ПОРКОА РЦУК Штип во моментов состојбата е редовна. Од 08:00 до 12:00 часот во Штип наврнал дожд од 9,2 литри во метар квадратен.
РЦУК – Куманово, известува дека на подрачјето кое го покриваат (Куманово, Крива Паланка и Кратово) состојбата е нормална со слаби врнежи од дожд. Од филтер станица Куманово известуваат дека во текот на изминатите 24 часа измерени се 3,9 литри дожд на метар квадратен. Пораст на водостоите е забележан на Крива Река во Крива Паланка и на река Пчиња во с.Пелинце но досега нема информација за излевање на реките од своите речни корита.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) добиено е следното известување:
На целата територија на Македонија има континуирани врнежи. Од информациите што ги даваат автоматските станици, се забележуваат доста интензивни врнежи во регионот на Гостивар и околу него.
Поради тоа бидете особено внимателни во овие подрачја затоа што постои реална опасност од локални излевања особено кај помалите водотеци. Препорачуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.
Утре ќе се задржи облачно време со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и поројни, проследени со ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во повисоките места повремено засилен ветер, претежно од југозападен правец.
Поради продор на постудена воздушна маса од север, од вторник се очекува ново заладување со локални врнежи од дожд и снег, кои поради натамошно опаѓање на температурите, во среда и петок ќе бидат претежно од снег.
