Европските акции паѓаат пред извештајот за инфлација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На европските берзи утринава цените на акциите паднаа бидејќи надежите дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки во март исчезнаа, а инвеститорите не сакаа да преземаат ризици пред објавувањето на извештајот за инфлацијата во еврозоната.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9 часот и 30 минути беше во минус за 0,4 отсто, слабеејќи втор ден по ред.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,14 отсто, на 7.620 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,41 отсто, на 16.835 поени, а париски CAC 0,97 отсто, на 7.580 поени.

Денеска првата проценка за инфлацијата во еврозоната во јануари

Инвеститорите се претпазливи бидејќи денеска Евростат за јануари ќе ја објави првата проценка за инфлацијата во еврозоната.

Така, берзите го следат вчерашниот пад на Волстрит, каде Dow Jones се лизна за 0,82 отсто, додека S&P 500 потона 1,61 отсто, а Nasdaq индексот 2,23 отсто.

Очекувано, челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто по дводневната седница.

Во соопштението тие наведуваат дека не очекуваат намалување на каматните стапки додека цврсто не се уверат дека инфлацијата постојано се намалува кон целното ниво од 2 отсто.

По седницата, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, изјави, пак, дека е малку веројатно челниците на ФЕД да бидат убедени во тоа до седницата во март.

Тоа ги разочара инвеститорите кои очекуваа ФЕД да започне со намалување на каматните стапки во март.

„Од изјавата на ФЕД е јасно дека нема да има повеќе зголемувања на каматните стапки, што е позитивно, но инвеститорите треба да очекуваат каматните стапки да останат на покачени нивоа подолг временски период бидејќи економските показатели се уште се далеку од оние што би воделе ФЕД да ги намали каматните стапки“, вели Оливер Пурше, аналитичар во Wealthspire Advisors.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,3 отсто околу 9:30 часот.

Истовремено, индексот Никеи падна за 0,8 отсто на токиската берза, додека цените на акциите во Шангај и Австралија паднаа меѓу 0,6 и 1,2 отсто. Во Хонг Конг и Јужна Кореја, пак, тие се зголемија меѓу 0,3 и 1,8 отсто.