Европските инвеститори претпазливи, индексите благо паѓаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нa европските берзи утрово берзанските индекси благо паднаа бидејќи кварталните деловни резултати на компаниите не поддржуваат натамошен раст на цените на акциите откако тие вчера достигнаа рекордни нивоа.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во 9:30 часот.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,26 отсто, на 8.425 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,03 отсто, на 18.866 поени, а париски CAC 0,17 отсто, на 8.225 поени.

Откако вчера индексите достигнаа рекордни нивоа, утрово на берзите се тргува внимателно бидејќи деловните резултати на компаниите не се многу импресивни.

Цените на акциите во технолошкиот сектор пораснаа во просек за 0,5 отсто, додека оние во автомобилскиот сектор паднаа за речиси 1 отсто.

И на азиските берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, во 9:30 часот порасна за 1,4 отсто и достигна ново 15-месечен максимум.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 1,4 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Хонг Конг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 1,7 отсто.

Јапонскиот БДП падна за 2 отсто на годишно ниво

Утринава беше објавено дека јапонскиот бруто домашен производ (БДП) падна за 2 отсто на годишно ниво во првиот квартал, повеќе од очекуваното. И покрај ова, индексот Никеи порасна за повеќе од 1 процент.

Пораснаа и цените на акциите на кинеските берзи и покрај вчерашните вести дека САД ќе ги зголемат царините за увоз на голем број кинески производи.

Така, азиските берзи го следат растот на Волстрит вчера, кога сите најважни индекси достигнаа рекордни нивоа. Dow Jones зајакна 0,88 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,17 отсто, а Nasdaq индексот 1,40 отсто.

Новите рекордни височини на индексот во голема мера беа поттикнати од добивките на технолошките акции, откако податоците за потрошувачките цени во САД беа малку подобри од очекуваното, што значи дека инфлацијата не се зголеми во април по три месеци добивки.

„Инвеститорите беа растеретени затоа што инфлацијата не се зголемува четврти месец по ред. Потрошувачката исто така малку се олесни, што покажува дека економијата расте со одржливи стапки“, вели Керол Шлајф, аналитичар во БМО.

Покрај податоците за инфлацијата, вчера беше објавен и извештај кој покажа дека потрошувачката стагнирала во април, што може да значи дека побарувачката слабее, па притисоците врз инфлацијата во наредните месеци може да се намалат.

Стапката на базичната инфлација се лизна во април од 3,8 отсто, колку што беше претходниот месец, на 3,6 отсто, што е најниско ниво од април 2021 година.

Иако останува далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто, извештајот за потрошувачките цени ги оживеа шпекулациите дека американската централна банка би можела да ги намали каматните стапки двапати пред крајот на годината – во септември и декември.