Европско знаме за еколошката такса, опозицијата критикува – што има европско во покачување на цените?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата деновиве ќе ги достави до Собранието измените на законот со кој се воведува еколошка такса на кои најави дека ќе бидат со европско знаменце. Опозицијата и денеска критикуваше и вели дека со ова се воведува кризен данок кој ќе удри по џебот на граѓаните. Според Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ македонските граѓани ќе плаќаат најскапи горива, односно истата цена која ја плаќаат граѓаните на Велика Британија, иако стандардот ни е сосема различен. Од оваа партија најавија дека ќе го блокираат законот но сега останува неизвесно како ќе го спречат неговото донесување.


„Прашувам што има европско во законот за зголемување на цената на горивата или таканаречанта според нив еколошка такса. Според предложениот закон, никаде не може да се најде дека е усогласен или усогласување со некоја европска регулатива за да има право да се повикуваат на тоа европско знаме. Доколку се обидат вака, на мала врата, злоупотребувајќи го европското знаменце а притоа, нема ниту една регулатива со која што се усогласуваме, ќе ги искористиме сите демократски капацитети и средства со филибастеринг, со зборување“ истакна Пренџов.


Против донесувањето на законот се и од Алијанса Алтернатива . Според нив одлуката да се зголеми цената на горивата е злоупотреба на екологијата и доказ дека Владата не знае да управува со Буџетот.


„За време на криза кога граѓаните се уште ги чувствуваат тешките последици од пандемијата, Владата одлучи да им ја отежни уште повеќе економската состојба преку воведување на таканаречена еколошка такса. Одлуката за поскапување на нафтените деривати за 3.5 денари по литар е злоупотреба на екологијата за прикривање на неспособноста на актуелната Влада во менаџирањето на буџетот и последиците на кризата. Овaа одлука најмногу ќе ја осетат транспортерите“, посочија од Алијанса/Алтернатива.

И од Левица велат дека не е добро воведувањето на ваква такса и велат дека и покрај тоа што еколошката такса ќе има европско знаменце ќе поднесат околу 800 амандмани за да се успори процесот на донесување.


„Укажувам на една деловничка интервенција која ние како Левица ја немаме но ја има ВМРО-ДПМНЕ а тоа е членот 125 од Деловникот кој досега не е користен при ваков шверцерат на закони кој станува пракса на оваа влада“, истакна Апасиев.


Премиерот Заев и денеска потврди дека воведувањето еколошка такса е особено важно за подобрување на животната средина, а според него сепак ќе имаме евтини горива поради тоа што се намалува претходно зголемената акциза. Но зошто европско знаменце на законот?


„Е поврзана со зелената агенда која што дефинитивно е преокупација на Европската унија. Веруваме дека парламентот ќе изнајде начин вака или онака да се донесе законот затоа што уште еднаш напоменувам, со еколошката такса која што е нова давачка дефинитивно нафтата останува најевтина од било која земја на Европскиот континент“, посочи Заев.


Владата најави дека од први јули со воведување еколошка такса ќе се соберат пари во буџетот со што ќе се помогнат многу проекти од еколошката сфера. Сепак реакцијата на јавноста е дека зголемување на цената од околу 4 денари е преголема за граѓаните.