Со класична музика до поподнослива битка со неизлечивите болести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нежните звуци на виолончелото еднаш неделно одекнуваат низ просториите на Домот за палијативна нега „Жана Гарние“ во Париз. Имено, Клер Опер – виолончелистка за концерти, школувана на Конзерваториумот во Москва, го посетува домот во петок и свири за тамошните штитеници, кои се борат со неизлечиви болести и силна телесна болка.

– Чувствувам болка цело време… Но, музиката ми помага во ублажување на болката. Ако слушате музика со која сте запознаени, ја знаете секоја следна нота и се сосредоточувате на нешто друго освен на болката, вели Мишелин Леру, пациентка која боледува од рак.

Опер доаѓа во парискиот Дом за палијативна нега веќе скоро 10 години и свири виолончело за своите штитеници. Вели дека физичката болка е скоро постојано присутна во Домот и покрај морфиумот и другите лекови, но таа верува дека музиката навистина може да има смирувачко влијание врз пациентите.

Вработените во домот се едногласни кога станува збор за влијанието на музиката… – По заминувањето на Клер, пациентите се посмирени, трогнати и среќни!, ќе рече негувателката Маргарита Салдана.

Покрај настапите еднаш неделно, Опер одлучи да учествува и во медицински студии насочени кон терапевтскиот ефект на музиката врз здравјето на пациентите.