Филипче алармира: Се повлекуваат странските инвеститори – ВМРО-ДПМНЕ: Да не ги заборавиме и најавените инвестиции од Facebook, Google и Формула 1

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, излезе со неколку податоци кои ги нарече загрижувачки за економијата на земјава. Тој ги спомена најавите за затворање фабрики на компаниите Aptiv и Dura Automotive Systems.

„Според проценките на нашиот економски тим, со досегашните отпуштања од работа и оние што се најавени, до крајот на годината бројот на вработени во зоните со странски инвестиции ќе се намали за околу 30%, што претставува голема загуба на работни места. Ако на тоа се додаде и фактот што десетици компании од текстилната индустрија – домашни компании – се затвораат последните месеци, станува збор за илјадници луѓе и семејства чие постоење е загрозено и се соочуваат со несигурност.“, рече Филипче.

Тој исто така рече дека бројките се загрижувачки и за странските инвестиции, со кои се фалеше премиерот Мицкоски.

„Во споредба со годините кога СДСМ беше на власт, кога во првите два квартали имаше 600 милиони евра странски инвестиции, сега има само околу 200 милиони евра.“, изјави Филипче.

Филипче обвини дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за да го реши овој проблем, како што би направила секоја одговорна влада. На тоа реагираа од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со доза на иронија.

„Среќа е што Филипче и СДС ја водеа државата во последните 7 години и како на економски, така и на здравствен, образовен, инфраструктурен и на сите други планови постигнаа големи успеси. Се разбира, да не ги заборавиме и ветените инвестиции од Facebook, Google и патеката на F1, со кои државата оствари големи економски приходи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ го завршија реагирањето со пофалби дека економските политики на Владата и Буџетот за 2026 година предвидуваат средства за повисоки пензии, плати, поддршка на ранливите категории, капитални инвестиции и проекти.