Пред нас е уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките за Ковид -19, апелира министерот за здравство Венко Филипче по шесте месеци од првиот регистриран случај во нашата земја од коронавирус.
„Оваа светска здравствена криза која е најголема во последните 100 години, донесе тага за оние кои ги загубија своите блиски, економска неизвесност за сите нас и огромна промена во нашите животи. Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден живот.“, рече Филипче.
Филипче посочи дека ресорното министерство работи на целосна подготовка за есенскиот период, а тука спаѓа зајакнувањето на болничките капацитети и кадарот. Тој вчера најави дека не се исклучува можноста детските градинки да започнат со работа во септември, додека пак за училиштата е предвидено да започнат со комбинирана настава од 1 октомври. Дел од епидемиолозите го мислат спротивното, односно дека се уште не треба да се отвораат градинките и училиштата.
„Не сме секаде подготвени особено во градските училишта и ги нема сите услови за физичко присуство бидејќи има поголем број на ученици, а помали просторни услови, така да ќе биде потешко да се изведе сето тоа. Интензивно се работеше на тоа, се спремаат капацитети и модуларните болници, кои ќе ни бидат од голема помош, така што единствено проблем ќе биде колку ние ќе може да одговориме со персоналот“, рече Сашко Олумчев, епидемиолог.
Доктор Никола Пановски смета дека јачината на есенскиот бран ќе зависи од тоа колку граѓаните ќе ги почитуваат мерките и препораките на здравствените работници.
„Во просторијата ако се создадат аеросоли, ако не се отвораат прозорци, а нема да се отвораат поради студеното време и загадениот воздух, може да се зарази секој присутен во просторијата, особено ако е мала просторијата. Тоа е таа опасност бидејќи може да се заразат десетици луѓе во еден ден.“, рече Пановски.
Во врска со цената на тестовите за корона вирусот, Пановски смета дека државата требала да ги вклучи во системот и да работат по фондовска цена, бидејќи како што вели, вака се тестираат само оние кои имаат пари.
„Ако гледате анализи ќе видите дека луѓе со поголеми примања повеќе се тестираат, немаат време да чекаат, за разлика од некои посиромашни кои немаат за леб камоли да помислат за тестирање. Сите лаборатории требаше да се вклучат прво да добијат дозвола да се вклучат во системот и да им биде платено по една пристојна цена, не повеќе од 1500 денари.“, изјави Пановски.
Пановски апелира граѓаните да ги почитуваат строго мерките, бидејќи единствената разлика која постои помеѓу сезонскиот и корона вирусот, е течењето на нос и губењето на мирис и вкус, но според него вториот симптом се појавува неколку денови покасно што би можело да биде и доцна за да се реагира.
