Филипче не се откажува од лидерска средба, прифатлив е предлогот на Сиљановска за нов протокол

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако од ВМРО-ДПМНЕ веќе го отфрлија барањето на претседателот на СДСМ Венко Филипче за одржување лидерска средба за евроинтегративниот пат тој и натаму не се откажува од ваквата идеја. Филипче ова го изјави на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на која рече дека за него се прифатливи и предлозите на претседателката Силјановска за нов протокол.

„Тој момент на толкување на протоколите, прво, понатаму еве во јавноста излегува еден предлог од претседателката, можноста да се разговара и за некој нов протокол. Третата работа да изнајдеме начин да може да се модифицира работата на Историската комисија, да побараме странски експерти да присуствуваат и да учествуваат во таа работа, на пример луѓе кои што имаат искуства во своите земји на таа тема, Германија со Полска, Германија со Австрија“, рече Филипче.

Силјановска откако вчера даде предлози за деблокирање на евроинтеграциите, денеска при посетата на Рим имаше средба со својот италијански колега Серџо Матарела на која тој и рекол дека веќе имал разговори и со Антонио Кошта и со Фон дер Лајен за блокадата на нашиот европски пат.

„И не само како член на групата пријатели наши, туку исто така и како голем пријател на Западниот Балкан рече дека не смее Европската унија да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања или на билатерализација врзана за идентитетските прашања. Очекува и јас очекувам да дојде до разговори со нашите соседи кое е можеби најдоброто решение“, вели Сиљановска-Давкова.


Инаку на седницата на Националниот совет за евроинтеграции се дебатираше за реформската агенда што земјава треба да ја спроведе. Халил Снопче од партијата на Таравари, рече дека изјавата на Кошта дека земјава треба прво да си ги сработи обврските, била и поттик за Таравари да си поднесе оставка поради неисполнување на договорот за уставни измени.

„Господинот Кошта како највисок претставник од меѓународната заедница, освен што побара реализација на реформите на директен начин и на експлицитен начин тој ја потенцираше потребата за уставни промени. Многу интересно дека истиот ден еден од министрите во Владата, министерот за здравство си поднесе неотповиклива оставка“, рече Снопче.

Министерот за евроинтеграции Муртезани пак, на ова рече дека имплементацијата на реформската агенда и планот за проширување не се поврзува со билатерални прашања.