Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска го одржува својот 31. конгрес, на кој пред делегатите, гостите и јавноста се обрати претседателот на партијата, Венко Филипче, со силен и остар говор насочен кон актуелната состојба во државата и визијата на СДСМ за иднината.
Филипче порача дека СДСМ никогаш не бил само партиска определба, туку идеја и историска одговорност, нагласувајќи дека партијата е создадена од борбата за слобода и државност, со корени во Крушево и АСНОМ.
– Кога и да се спуштал мрак, кога и да владеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016 година и така ќе биде и сега – истакна Филипче.
Тој ја обвини актуелната власт за економска и политичка катастрофа, посочувајќи дека граѓаните живеат полошо, цените растат, а државата се задолжува со милијарди евра.
– Кога не се чисти снег или ѓубре, тоа е неспособност. Но кога се креира буџет со дупка од две милијарди евра и се оди кон ново задолжување, тоа е осмислен грабеж на државата и финансиско злосторство против иднината на децата – рече Филипче.
Тој оцени дека Македонија е во дипломатска изолација, европскиот пат е блокиран, а државата се движи кон антиевропска оска и опасни безбедносни сценарија, вклучително и идејата земјата да стане тампон-зона за мигранти.
Во обраќањето, Филипче порача дека СДСМ нема да биде „контролирана опозиција“ и дека партијата нуди јасна визија – економија на достоинство, со повисоки плати, подобро здравство и образование, сигурни пензии и социјална држава.
– Ние се бориме за Европска Македонија, за функционални институции и општество засновано на солидарност и човечност. Тоа е социјалдемократијата на 21 век – нагласи тој.
Филипче повика на внатрешно зајакнување на партијата, активизам на терен и обединување околу заедничката цел, порачувајќи дека надежта има име – СДСМ.
– СДСМ се разбуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно – порача претседателот на СДСМ, завршувајќи го говорот со повик за заедничка и праведна борба за иднината на државата.
