Филипче: СДСМ со предлог законски решенија за минимална плата од 600 евра и замрзнати плати за функционерите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави поднесување на нови законски решенија за зголемување на минималната плата и замрзнување на платите на функционерите.

„Во повеќе наврати укажувавме на потребата да се излезе во пресрет на барањата на работниците. На крајот на 2024 година поднесовме предлог-закон за зголемување на минималната плата, меѓутоа тогаш тој закон од власта беше одбиен“, рече Филипче.

Тој истакна дека новиот предлог-закон предвидува минимална плата во нето износ од 600 евра и дека е подготвен со цел да се одржи континуитетот на политики од времето кога СДСМ ја водеше Владата, кога платите, минималната и просечната, растеа континуирано, дури и во услови на економски кризи.

„Со овој предлог ги поддржуваме барањата на работниците и на Сојузот на синдикати. Отворени сме за соработка и ги повикувам синдикатите доколку имаат предлози или сугестии да ги достават. Како одговорна политичка партија, сакаме да покажеме грижа и солидарност кон вистинските потреби на работниците“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека во моментов минималната плата во земјава е најниска во регионот, додека во соседните држави како Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, платите растат. Тој додаде дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната плата од 22.000 на 42.000 денари.

„Не се залагаме само за зголемување на платите, туку за достоинствен живот за нашите граѓани. Потрошувачката кошничка и цените растат, инфлацијата ја намалува куповната моќ, а младите ја гледаат иднината надвор од земјата. Ова мора да се запре“, рече Филипче.

Тој изрази уверување дека предлог-законот, за разлика од минатиот пат, овој пат ќе биде прифатен од власта, бидејќи се темели на реални параметри и вистински потреби на работниците.