Веќе неколку недели во континуитет во нашата земја има намалување на бројот на новозаболени и починати лица и зголемување на бројот на оздравени пациенти. Ова се главните индикатори кои ни дозволуваат да констатираме дека состојбата со епидемијата е стабилна, воедно и состојбата со болничките капацитети, кои исто така се еден од најважните индикатори за евалуација на епидемиолошката состојба.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања, 2.062, односно 17,8 отсто, повеќе споредено со претходната недела.
– Од направените 11.605 тестирања, регистрирани се 902 односно 7,8 отсто нови позитивни случаи од 29 градови. Најголемиот дел од регистрираните случаи се од Скопје и Куманово, во другите градови се појавуваат спорадични случаи, мини кластери кои главно се должат на непочитување на превентивните мерки. Во текот на минатата недела, регистрирани се 17 смртни случаи што претставува намалување од 32 отсто во однос на претходната недела во истиот период. Оздравени се 1.067 лица, односно 29 повеќе споредено со претходната недела, посочи Филипче
