Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција истакна дека собирот во Струга е еден чин на непочитување на здравствените работиници и сите други кои овие два и пол месеци пожртвувано работеле за да излеземе од оваа криза.
„Најостро ги осудувам сите кои што не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага за собирот на граѓаните вчера во Струга, институциите мора да ги санкциониаат прекршителите“, порача Филипче.
Соопшти дека утрово разговорал со поглаварите на Исламската верска заедница и на Македонската православна црква-ОА, и од нив побарал да ги повикаат верниците да не се собираат.
Во однос на тоа што ИВЗ информирала дека на 12 мај се отвораат џамиите, Филипче нагласи дека е сè уште во сила забраната за групирање на повеќе од двајца и повторно побара од поглаварите на верските заедници да спречат собирања.
-Секое неодговорно собирање ќе нè врати на почеток на епидемијата и во кризата. Исклучително е висок ризикот да се зголеми трансмисијата на вирусот во такви случаи, рече министерот за здравство.
