Предложените измени на Законот за високо образование се катастрофални и наместо унапредување на квалитетот се воведува владина контрола врз универзитетите, образовен тоталитаризам, дискриминација, партизација и се урива автономијата на универзитетите. Ова беше оценката на претседателот на СДСМ Венко Филипче на владините предложени измени на законот за високо образование, за кој рече дека ниту со амандманска интервенција не би можело да се поправи. Затоа тој побара негово повлекување на доработка, а доколку се достави до Собранието рече дека ќе бара јавна дебата.
„Со овие предложени измени брутално се централизира моќта кај министерот, односно кај Владата и со тоа се нарушува автономијата на универзитетите. Преку членовите 198, 199 и 201 министерот станува најмоќна фигура во високото образование со можност да укинува одлуки на универзитетски органи. Второ, дискриминација на младите и партизација на кадарот. Тоа што законот го нуди на некој начин е гробница за младите асистенти, додека, внимавајте, создава привилегии за веќе пензионирани професори“, рече Филипче.
Министерката за образование пак Весна Јаневска деновиве оцени дека законот ќе донесе подобар квалитет на академската едукација и ќе ја унапреди позицијата на македонските универзитети на глобалните ранг листи.
„Очекувам и универзитетите официјално на било кој пат да ги достават своите интегрирани забелешки бидејќи дел од нив се повторуваат. Се што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено, се што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано“, изјави Јаневска.
Од денеска Министерството за образование започнува посети на универзитетите во земјава во рамки на јавната расправа за новото законско решение. Јаневска најави дека на овие посети ќе има разговори и со професори и академскиот кадар при што ќе се дискутира за спорните членови на законот.
