Финска е официјално членка на НАТО, откако финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто денеска во Брисел го депонираше инструментот за пристапување до САД.
Финска станува 31-ва членка на одбранбената алијанса откако го надмина противењето од Турција. Ова е „историски ден“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Стотленберг.
Членот 5 од договорот за НАТО, моќна колективна безбедносна гаранција, сега важи и за Финска. Нападот врз една членка на алијансата е напад врз сите сојузници, пренесува ДПА.
Финското знаме ќе биде поставено пред седиштето на НАТО, азбучно поставено помеѓу знамињата на Естонија и Франција. Финска потоа по првпат ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО како полноправна членка.
Финска аплицираше заедно со Шведска за членство во НАТО во мај 2022 година по руската инвазија на Украина, но нејзината апликација се заплетка во противењето на Анкара на членството на Шведска.
Сите членки на НАТО мора едногласно да се согласат за приемот на нови членки. По неколкумесечни разговори со посредство на Алијансата, Турција на крајот попушти и минатата недела гласаше за прием на Финска во НАТО.
Одлуката става крај на повеќедеценискиот неутрален статус на Финска во услови на согледани безбедносни ризици поради целосната инвазија на Русија на Украина.
Нордиската земја споделува 1.340 километри долга граница со Русија.
НАТО ги заврши последните формалности за прием на Финска откако Турција ги депонираше документите за ратификација кај државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Антони Блинкен.
