Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола добиваат дополнителни можности за користење на сопствените средства, откако Народната банка соопшти дека од денеска и правните лица ќе можат неограничено да располагаат со новите приливи на своите сметки, доколку парите пристигнуваат од платежни сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
Со оваа мерка, фирмите ќе можат во целост да ги користат дополнително уплатените средства, без ограничување на износот, под услов приливите да доаѓаат од сметки отворени надвор од „АЛТА банка“.
Претходно, истата можност им беше овозможена и на физичките лица. Тие можат целосно да располагаат со новите приливи по сите основи, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери, доколку средствата се исплатени од институции или компании кои имаат сметки во други банки.
Од Народната банка посочуваат дека клиентите немаат потреба да отвораат платежни сметки во друга банка за да ги користат овие средства. Пристапот до парите е овозможен преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички, како и со подигање готовина на шалтерите на Банката.
Во меѓувреме, продолжуваат со работа филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Таму клиентите можат да подигнуваат готовина согласно утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други плаќања.
За користењето на електронското и мобилното банкарство остануваат во сила постојните лимити. Клиентите со платежни картички можат да користат до 15.000 денари неделно, додека за оние без платежни картички ограничувањето изнесува 20.000 денари во период од две недели. Лимитите се пресметуваат збирно за сите сметки на клиентот и сите канали за плаќање и повлекување средства.
Народната банка информира дека продолжува да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема мерки со цел клиентите полесно да пристапуваат до своите средства и да се обезбеди непречено извршување на платежните услуги.
