Словачкиот премиер Роберт Фицо беше пренесен во главниот град Братислава, каде што ќе продолжи да закрепнува, пренесе АФП.
„Роберт Фицо беше пренесен од нашата болница во Братислава во вечерните часови на 30 мај“, рече портпаролката на болницата во Банска Бистрица, Ружена Маташе.
Засега не е јасно во која болница во главниот град е префрлен.
Директорката на болницата во Банска Бистрица, Миријам Лапуникова, рече дека премиерот сака „да го продолжи закрепнувањето дома“.
Болницата соопшти дека напредокот на Фицо е „задоволителен“, но неговиот вицепремиер Роберт Калињак рече дека неговото закрепнување ќе биде „исклучително долго“.
Фицо беше застрелан повеќе пати на 15 мај додека се поздравуваше со поддржувачите по состанокот на владата во словачкиот град Хандлова.
Тој беше подложен на петчасовна операција во болница во блискиот град Банска Бистрица, по што следеше уште една двочасовна операција два дена подоцна.
