Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ може да „научи поуки“ од контроверзната италијанска политика за мигрантите. Таа го рече ова додека лидерите на 27-те земји членки одржуваат самит на ЕУ фокусиран на миграцијата.
Шефот на ЕК пред самитот во Брисел им пиша на лидерите на ЕУ и најави дека извршната власт на ЕУ ќе претстави нов предлог-закон за зголемување на депортацијата на мигрантите. Италија почна да испраќа некои мигранти во центар за мигранти во Албанија претходно оваа недела.
Шеснаесет мажи вчера беа префрлени во албанското пристаниште Шенѓин, но неколку часа по нивното пристигнување се покажа дека двајца се малолетни, а други двајца се во тешка здравствена состојба и ќе бидат вратени во Италија. Другите земји на ЕУ почнаа да разгледуваат начини за обработка на мигрантите во трети земји.
Вчера, сепак, холандската влада објави дека го разгледува планот за испраќање одбиени баратели на азил во Уганда. Според Би-Би-Си, Фон дер Лајен – која го започнува својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија – се чини дека ќе треба да одговори на притисокот од цела Европа за решавање на прашањето со миграцијата.
„Сите земји-членки треба да ги признаат одлуките донесени од други земји на ЕУ за да се осигураат дека „мигрантите кои имаат одлуки за враќање во една земја не можат да ги искористат дупките во системот за да избегнат враќање на друго место“, стои во писмото на Фон дер Лајен испратено до сите земји членки на ЕУ.
