Од рано изутрина во Кичево и Кичевско интензивно врне снег, чија височина во пониските делови од градот и селата изнесува 20 сантиметри додека во ридско-планинските села висината на снежната покривка се движи од 30 до 40 сантиметри. Лепливиот и кашест снег предизвика надвиснување и кршење на гранки од дрвјата на повеќе патни правци.
Утринава без струја беше село Другово и во еден период дел од приградските населби. Што се однесува до меѓуградските линии сообраќајот се одвива отежнато и во зимски услови.

-Кон сите патни правци кои водат од и за Кичево машини од нашата компанија го чистат снегот од коловозот, го посолуваат и попесочуваат за да нема пролизгување и излетувања од коловозот. Најголемо внимание посветивме на најфреквентинот патен правец кон Скопје и Охрид, во делот од Стража до Пресека, каде нашите активности се најголеми. Во овој момент забрането е движење на двата планински превои на тешки товарни возила, додека останатите превозни средства се движат отежнато но без застој. Бидејќи и понатаму врне снег, наши екипи континуирано се на терен ја контролираат состојбата и ги чистат патиштата и кон Битола и Прилеп, рече Зоран Маркоски од Македонија пат – Подружница Кичево.

Проодноста на патиштата до селата во кичевско е отежната поготово до селата во повисоките реони како што се Малкоец, Ехловец, Иванчишта, Ново Село, Туин, Душогубица, Цер , Црско, Прострање и др.
Екипи на ЈКП„ Комуналец“ ги чистат улиците низ градот, бидејќи снежните врнежи не престануваат екипите и понатаму се на терен и ја следат состојбата.
