Фросина го протресе системот – Коцевски: За полицаецот кој му го дал телефонот на Васил е отворена постапка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Правда за Фросина, затвор за Васил, ова беше главната порака на илјадниците граѓани кои деновиве протестираат поради неказнивоста и бараат најстрога казна за прегазувањето на 22-годишната девојка од Неготино. Во јавноста огромни реакции предизвика и откако протекоа фотографии на кои се гледа дека притворениот Васил Јованов во затворот Шутка има мобилен телефон. Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов рече дека Јованов го обезбедил мобилниот телефон од друго лице од соседна ќелија, а кој му го пренел затворски полицаец спакуван во кутија со колачи. За полицаецот покрената е постапка и од Јавното обвинителство.

-Начинот на кој што истите ги прибавуваат е надлежност на Управата за извршување на санкции, на службениците и така натаму. Јавното обвинителство постапува во моментот кога ќе биде известено дека лицето има мобилен телефон и во овој случај колку јас знам дека Јавното обвинителство е известено и сега се постапува, изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.

А дури сега откако се случи немилиот настан, Судскиот совет ќе ја разгледува претходната пресуда за Јованов за поседување наркотични средства за кој судијката Алексовска Стојановска го упати во Казнено поправен дом наместо во затвор како што тоа го бараше тогаш Обвинителството. Претседателот на Судскиот совет најави дека санкции за судијката ќе има ако се утврдат пропусти.

-Сигурно дека ќе се разгледува ќе се гледа секаде каде што има пропуст ќе се санкционира. Сите се залагаме за владеење на правото не познавам никој кој што се согласува со вакви состојби што ни се случуваат, изјави Љупчо Камбовски, претседател на Судски совет.

Министерот за правда пак Игор Филков рече дека судијката Алексовска Стојановска е отстранета од работната група за измени на Кривичниот законик.

-Денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда судијата чие име ја бранува јавноста. Судијата беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измена на Кривичниот законик, изјави Игор Филков, министер за правда.

За прегазувањето на младата Фросина граѓаните маршираа низ скопските булевари до Обвинителството, но и Кривичниот суд. Тие побараа правда за 22 годишната Фросина која во средата беше прегазена од 20 годишниот Васил Јованов кој возел во пијана состојба, без возачка дозвола и поминувајќи на црвен семафор со брзина од околу 130 километри на час.