Речиси девет од десет регистрирани случаи во Грција се од сојот Омикрон, согласно податоците што ги презентираше алтернативната министерка за здравство Мина Гага, која објасни дека на 30 декември 82 отсто од случаите биле Омикрон, ден подоцна , 89 проценти од вкупниот број заразени, а сега, како што рече, „веројатно надмина 90 отсто“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 43.386 нови случаи на Ковид-19, со стапка на позитивност 10, 4 отсто, починаа 62 лица, а 628 пациенти (девет повеќе од вчера) се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.
Од новите случаи, најголемиот дел, над 17.000, повторно се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Според Гага, зголемен е притисокот врз здравствениот систем, а се очекува во петок да се мобилизираат и приватни лекари за да помогнат во битката со Ковид-19.
Во Грција, од почетокот на пандемијата, потврдени се вкупно 1.388.309 случаи на Ковид-19, а починаа 21.115 лица.
