„Гаранции од Брисел и почитување од Софија“ – пораките на Мицкоски од Самитот во Лондон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мицкоски информираше дека темата за ЕУ интеграциите доминирала на средбите. Тој се сретнал со францускиот министер за Европа, близок до претседателот Макрон, кому му ги пренел македонските позиции.

„Мора да има испорака во дел на гаранција од самата Европска Унија, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции, како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамките на Министерскиот Совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн. Тоа не се дополнителни услови, тоа значи партнерство, тоа значи добро соседски односи“, рече Мицкоски.

Додека Мицкоски бара гаранции, од истиот самит во Лондон, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, испрати поинаков сигнал. Според неа, вратата за членство е веќе отворена.

„Прозорецот за проширување на ЕУ сега е широко отворен. Денес во Лондон се сретнавме со нашите партнери од Западен Балкан за да ја продлабочиме нашата соработка во безбедноста, енергетиката и економијата. Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во безбедноста на цела Европа. Заедно можеме да го надминеме тоа“, изјави Каја Калас.

И покрај барањата, Мицкоски во интервју за МРТ вели дека останува оптимист, особено по, како што ја нарече, инспиративната дискусија со германскиот канцелар Мерц, кој дал јасна насока како го гледа регионот во иднина. Сепак, премиерот нагласи дека најважна останува домашната задача.

„Јас останувам оптимист, но важно е да испорачуваме домашната задача. Тоа е најважното, тоа е реформите и тоа ќе го правиме во периодот кој што следува… Иднината на државата е во рамките на Европската Унија тоа е една од нашите последни стратешки цели. Ние ќе сториме се што е во наша моќ да го исполниме оваа стратешка цел, но и истовремено да ги заштитиме македонските интереси.“, изјави Мицкоски.

Покрај евроинтеграциите, на самитот се разговарало и за безбедноста, при што Мицкоски ги потенцирал енергетските проекти како гасните интерконектори со Грција и Србија, и важноста на коридорите 8 и 10. Британскиот премиер Стармер, пак, му понудил помош од британски експерти и полицајци за заштита на југоисточната граница од нелегална миграција.