Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО ипосветен партнер на САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, а фокусот на дискусиите беше ставен на глобалната безбедност и зајакнувањето на трансатлантската соработка.

Во своето обраќање, Гаши истакна дека посветеноста на Република Северна Македонија кон НАТО е силна и доследна, нагласувајќи дека ниту една држава не може самостојно да ја гарантира својата безбедност. Тој потенцираше дека земјата активно придонесува во Алијансата, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку конкретни дела.

„Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, истакна Гаши.

Тој нагласи дека Северна Македонија стои како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави, потсетувајќи на пораките за единство и заеднички вредности на поранешните американски претседатели Џон Ф. Кенеди и Џорџ В. Буш.

„Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната трансатлантска алијанса“, порача претседателот на Собранието.

Гаши го заврши обраќањето со порака на благодарност и со потврда за континуираната посветеност на земјата кон НАТО и партнерството со САД.