Прашањето за воведување уставна жалба и евентуални измени на Уставот е политичко прашање за кое е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, изјави претседателот на парламентот Африм Гаши на брифинг со новинарите.
Тој нагласи дека не поддржува парцијално отворање на Уставот, бидејќи, како што рече, станува збор за чувствителна тема која може да отвори повеќе политички барања. Според него, доколку се отвора Уставот, тоа треба да се направи преку поширока политичка и општествена дебата.
Во однос на идејата за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, Гаши рече дека темата не треба да биде табу, но дека треба да се разгледува и од политички и од експертски аспект, со фокус на улогата на судот во заштитата на уставноста.
Гаши информира дека Собранието работи експедитивно на реформската агенда и дека во моментов се разгледуваат два закона – за јавни обвинители и за Советот на јавните обвинители, додека се очекува Владата наскоро да достави и други законски решенија.
Тој додаде дека кадровските прашања во извршната власт ќе се разгледуваат по финализирањето на процесот на обединување на коалицијата „Вреди“ во една политичка партија.
Во однос на организацијата во парламентот, Гаши рече дека засега нема информации за нови пратенички групи.
Дополнително, информира дека еден кандидат за член на Судскиот совет е повлечен бидејќи не ги исполнувал условите, поради што ќе биде распишан нов конкурс, а на 8 април се очекува пратениците да одлучуваат за новите вицегувернери.
