Генерален секретар на ОН: Глобалното затоплување ја турка Земјата кон пропаст

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во средата предупреди дека глобалното затоплување ја турка Земјата во уште поголема опасност и ги повика земјите да воспостават системи за предупредување од катастрофи за да ги заштитат луѓето од екстремни временски услови.

„Секоја од последните десет години беше најтоплата досега. Температурите на океаните рушат рекорди, а воедно ги уништуваат екосистемите. И ниедна земја не е безбедна од пожари, поплави, бури и топлотни бранови“, им рече тој на амбасадорите на вонредната конференција на Светската метеоролошка организација (СМО) на ОН во Женева, по повод нејзината 75-годишнина.

Гутереш ги повика земјите да придонесат пари за глобален систем за следење, познат како Систем за рано предупредување, за да ги заштитат луѓето од екстремни временски услови. Обезбедувањето известување 24 часа пред опасен настан може да ја намали штетата до 30 проценти, додаде тој.

Повеќе од 60 проценти од земјите го имплементираа системот откако Гутереш започна иницијатива во 2022 година, со цел сите земји да го воспостават до 2027 година.

Во текот на изминатите пет децении, временските, водните и климатските опасности одзедоа повеќе од два милиони животи, од кои 90 проценти се случија во земјите во развој, соопшти СМО во понеделник.