Германската влада ќе го забрза зајакнувањето на одбраната од беспилотни летала со цел да се спречи шпионажа, саботажа и потенцијални напади, а германските вооружени сили во иднина ќе ѝ помагаат на полицијата во акции од ваков вид, објавија денес медиумите во таа земја.
Како што одлучи владата, армијата ќе ги поддржи федералните полициски сили, доколку е потребно, со употреба на сила, објави „Шпигел“.
Целта на планираната реформа на Законот за воздушна безбедност не е само да се создаде правна сигурност за овој вид административна помош, туку и да се поедностави и скрати процесот на координација меѓу безбедносните сили и војската, што е неопходно во специфични случаи.
