Германската економија е во неволја, ММФ им даде совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германската влада треба да размисли за олеснување на регулативите за задолжување за да ги обезбеди многу потребните јавни инвестиции, заклучи денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Германската кочница за задолжување е поставена на релативно ниско ниво и годишната нето граница на задолжување може да се намали за околу еден процентен поен од БДП, со континуиран тренд на намалување на односот долг кон БДП“, се наведува во извештајот на ММФ.

Ова би отворило повеќе простор за „многу потребните“ јавни инвестиции, посочува меѓународниот кредитор. Во ноември, Уставниот суд заклучи дека пренамената на парите од фондот за пандемијата е неуставна, а пресудата отвори „дупка“ од 60 милијарди евра во државниот буџет.

Промената на регулативата за задолжување би ја олеснила консолидацијата на буџетот, но неопходни се и реформи за да се намалат притисоците врз потрошувачката на среден рок и да се зголемат приходите, посочуваат од ММФ.

Германската економија годинава би требало да порасне за само 0,2 отсто, прогнозира ММФ во пролетниот извештај за светската економија, но напомена дека, сепак, личната потрошувачка треба да закрепнува паралелно со слабеењето на инфлацијата. Во 2025 година растот би требало да се забрза до 1,3 отсто.

Забрзаниот раст во следната година постепено ќе ја зајакне довербата, што дополнително ќе ја поддржи потрошувачката, прогнозира ММФ, а дополнителен стимул ќе биде омекната монетарна политика. „Благодарение на овие фактори, растот на БДП ќе се забрза меѓу еден и 1,5 отсто во текот на 2025/2026 година“, пресметаа тие.