Германски војник обвинет за четири убиства

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот јавен обвинител во четвртокот поднесе обвинение против војник осомничен за убиство на четири лица, меѓу кои и едно дете, на почетокот на оваа година, јави ДПА.

Војникот на германските вооружени сили (Бундесвер) е осомничен дека на 1 март пукал во четири лица во северната германска покраина Долна Саксонија.

Според истражителите, тој ги убивал своите жртви од омраза и одмазда, а во основата биле брачните проблеми.

Локалниот суд во Ферден сега мора да одлучи дали ќе започне правна постапка против него.

Сите жртви биле од кругот на сопругата на наводниот сторител, откако двајцата се разделиле. Се вели дека 32-годишниот војник прво ги убил новото момче на поранешната сопруга и неговата мајка, а потоа ги застрелал пријателот на поранешната партнерка и нејзината тригодишна ќерка.

Следното утро, човекот се предал во касарната Фон Диринг во градот Ротенбург, во близина на наводните места на злосторството.

Повиканите полицајци го привеле. Од злосторството тој е во притвор. Според полицијата, осомничениот не бил припадник на војската во касарната каде што се предал.

Војникот бил вооружен со автоматска пушка и пиштол. Според истражителите, оружјето не било од залихите на Бундесверот.

Во возачката врата од неговиот автомобил бил пронајден „молотов коктел“, а во багажникот до неговиот ранец од Бундесверот била пронајдена муниција. Што сакал мажот да направи со нив останува нејасно.

Непосредно пред злосторството, неговата поранешна партнерка и нејзиното ново момче – едно од жртвите – побарале помош и пријавиле дека осомничениот им се заканувал.