Гласањето со „фингерпринт“ ќе биде безбедно, Даштевски не очекува проблеми како на претходните избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државната изборна комисија очекува наскоро да се направат законските измени со кои правно ќе се овозможи гласање со отпечаток на прст. Претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека покрај ова, треба да се договорат и техничките детали околу префрлањето на податоците кои МВР ги има а кои ДИК ќе ги користи при фингерпринт системот на гласање. Тој објаснува дека со самото притискање на отпечатокот од прст ќе излегуваат податоците на гласачот со што ќе се оневозможат изборни нерегуларности.

„Прво ако гласал на друго место ќе се запали црвено светло на скенерот и ќе се знае дека тој нема право тука да гласа, тоа е идејата, а нормално кога ќе стави отпечаток излегуваат неговите податоци за кого се работи. Ако гласал, тогаш предупредува системот дека гласал и не може да гласа два пати и не може да гласа за друг.“, вели Даштевски.

Но колкав е степенот на сајбер безбедноста на ваквиот систем и дали постои некаква опасност од злоупотреба со оглед на тоа што се работи за податоци на граѓани. Ваквото прашање се наметнува откако на последните, парламентарни избори, падна системот на ДИК. Даштевски вели дека за ова разговарале и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и дека не очекува да се случи нешто слично.

„Тоа што ќе го прават тие ќе биде максимално заштитетно, бидејќи МВР има најголема заштита и да не навлегуваме во тоа ние за нашата сајбер безбедност дискутиравме и донесовме одлука и за безбедноста и за ИТ системот како да се следи таа постапка одлучивме контрола за тоа цело време да имаат увид претставници од МВР.“, изјави Даштевски.

Даштевски уверува и дека ваквиот систем ќе обезбеди многу повисок степен на регуларност на изборите отколку досегашниот систем со спреј и уве ламба. За гласање со отпечаток на прст инсистира претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој смета дека доколку тоа не се воведе гласовите ќе им бидат украдени. Премиерот Зоран Заев пак побара што поскоро да започне процесот на набавки на терминали за гласање за локалните избори да се одржат со фингерпринт гласање.