Годинава раст на БДП 2,3%, инфлација 3,5%: Народна банка ги намали проекциите за раст на економијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народната банка ги намали проекциите за раст на македонската економија на 2,3 проценти, иако априлските проекции беа дека ќе ја завршиме годината со раст на БДП од 2,6 проценти. Централната банка очекува инфлацијата годинава да изнесува 3,5 проценти. За наредната година проекциите се раст на БДП од 3,3 отсто, а на инфлацијата натамошен тренд на намалување на ниво од 2,5 отсто.

Во проекциите биле предвидени неповолните очекувања за германската економија која во Европа најбавно закрепнува.

-За нас германската економија е клучен партнер. Дури и ако се споредиме во рамки на регионот на Западен Балкан нашата изложеност кон германската економија е најголема, нешто над 40 проценти од вкупниот наш извоз се насочува во германската економија. Оттаму, неопходно секогаш ги следиме движењата во германската економија и ги вградуваме при нашите проекции. Всушност една и од причините за ревизија на изгледите за растот во нашата економија е намалување на странската побарувачка, а во голема мера на странската побарувачка како доминантен извозен партнер влијае германската економија, изјави Анита Ангеловска Бежовска, гувернер на Народна банка.

На економскиот раст негативно влијаеле состојбите со извозот, а позитивно инвестициите и растот на потрошувачката. Народната банка предупредува дека ризик за раст на инфлацијата можат да бидат домашните политики, како покачувањето на платите и пензиите.

-Сите политики кои што влијаат на агрегатната побарувачка секако може да влијаат на инфлацијата, тоа нема дилема. Од таму ние сите расположливи информации за буџетот за оваа година и за буџетот за наредната година ги вградуваме во нашето макроекономско сценарио и со сите овие претпоставки, очекуваме да продолжи постепено процесот на намалување на инфлацијата. Но не случајно го споменав и овој ризик на домашните политики и на водење на домашни прудентни политики за да не се соочиме со нов бран на инфлациски притисоци, изјави Анита Ангеловска Бежовска, гувернер на Народна банка.

И меѓународните финансиски институции неодамна ги намалија проекциите за раст на македонската економија. Меѓународниот монетарен фонд очекува раст на БДП од 2,2 % за годинава, а Светска банка 1,8%. Прогнозите пак на владата се дека ќе ја завршиме годината со раст на економијата од 2,1 процент.