Во вторник, следната недела се одбележува 23 годишнината од Охридскиот договор, а владата ќе организира свечена церемонија. Но на истиот ден, коалицијата ЕФ организира Академија и коктел за одбележување на денот на потпишувањето на овој мировен договор. Од ВРЕДИ го обвинуваат ЕФ за обид за присвојување на еден толку светол и важен ден за Албанците.
Пратеничката Саранда Имери кој е ќерка на Имер Имери еден од потписниците на договорот, рече дека е огорчена кога гледа дека еден ваков датум се користи за теснопартиски интереси.
„ За мене, како ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на овој историски договор, ова претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација која се бореше за подобра иднина и заедничко општество. Се чувствувам огорчена кога гледам дека датумот што треба да не обедини се користи за теснопартиски интереси“, вели Саранда Имери.
Покажувајќи фотографија од потписниците на Охридскиот договор, која ја донела од дома, Имери повика да нема поделба меѓу народот.
„ Веднаш откако официјално ги испративме поканите, вклучително и за ДУИ, Али Ахмети реши со приватна прослава да ја девалвира државната и институционалната прослава на денот на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Во име на ликот и делото на татко ми, ја користам приликата лично да му се обратам на господинот Али Ахмети. Никој нема право да ги приватизира придобивките на Албанците од Охридскиот рамковен договор. Затоа, апелирам до вас да не предизвикувате поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го почитуваме овој ден. Вашите намери се провидни и однапред прочитани“, порача Саранда Имери.
Инаку, Охридскиот договор е потпишан со посредство на меѓународната заедница, вклучително и Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Главната цел на Охридскиот договор беше да се стабилизира политичката и општествена состојба во Македонија преку подобрување на правата на Албанците.
Овој договор го потпишаа Борис Трајковски, Љупчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери. Покрај лидерите на земјата, договорот го потпишаа и претставници на меѓународната заедница, Франсоа Леотар – специјален претставник на Европската унија и Џејмс Пардју – Специјален претставник на Соединетите Американски Држави.
