Голем пожар избувна доцна попладнево во селото Диа, во близина на Тирана, а поради силниот ветер огнената стихија за кратко време зафати голема површина.
Според локалните медиуми, пламените јазици брзо се шират, додека густиот чад ја прекрива целата област. Во еден момент во опасност биле и две противпожарни возила и неколку пожарникари, кои навреме успеале да се повлечат.
Во гаснењето на пожарот се ангажирани пожарникари, припадници на полицијата и армијата, а интервенцијата се врши и од воздух.
Во моментов во Албанија се активни 10 пожари во областите Тирана, Фиер, Драч, Ѓирокастро, Пешкопеја и Корча. Во земјата дневно во просек се регистрираат околу 25 пожари.
За справување со пожарите се ангажирани повеќе од 450 оперативци, меѓу кои припадници на вооружените сили, пожарникари, шумската служба и волонтери.
Воздушната поддршка ја обезбедуваат три хеликоптери на воздухопловните сили и два авиони „Ер Трактор“, кои се вклучени во гаснењето на пожарите на најкритичните локации.
