Во голем пожар што го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, повредени се најмалку 11 лица, додека противпожарните екипи успеале да го локализираат огнот и да спречат негово ширење на околните згради, соопштија денеска локалните надлежни служби.
Директорот на Службата за вонредни состојби на Албанија, Арбен Кара, изјави дека пожарот е ставен под контрола и дека е спречено неговото понатамошно ширење кон блиските станбени кули.
Тој, пренесува порталот „Тирана њуз“, истакна дека пожарот го зафатил североисточниот дел од зградата, од приземје до последниот кат, при што е предизвикана голема материјална штета.
Кара наведе дека во гаснењето биле ангажирани сите расположливи капацитети, вклучително повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, како и припадници на армијата.
Според неговите зборови, сè уште се работи на гаснење на преостанатите жаришта во становите, додека целосниот биланс на штетата сè уште не е познат.
„Прерано е да се каже дека пожарот е целосно изгаснат. Го локализиравме за да не се шири на околните објекти, но сè уште се работи во сите правци“, изјави Кара.
Директорот на итната помош, Скендер Братај, соопшти дека најмалку 11 лица се повредени, додавајќи дека една жена е хоспитализирана со изгореници на околу 15 отсто од телото, но не е во животна опасност.
„Пет лица се задржани на токсикологија, а меѓу повредените има и пожарникари, но сè уште немаме точен број“, наведе Братај.
