Голема акција на турската полиција: Уапсени 525 дилери на дрога!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Турската полиција денеска во операција низ главниот град Анкара уапси 525 лица осомничени за дилање дрога, а министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека тоа е „најголемата операција против наркотици“ во историјата на земјата.

Во операцијата учествуваа илјадници полицајци, кучиња трагачи, дронови и хеликоптери.

Рациите се резултат на „технички и физички надзор“ на секој осомничен во текот на шест месеци, додаде тој.

„Уште еднаш многу јасно им покажавме на тие трговци со отрови: улиците во кои влеговте се ќорсокак“, напиша Јерликаја на социјалната мрежа Икс.

Од МВР најавија дека „пресметката“ ќе продолжи.

Рациите во Турција следат по големата операција ширум Европа во вторникот, чија цел беше меѓународната трговија со дрога и мрежи за перење пари.

Повеќе од 230 лица беа уапсени за време на операцијата предводена од Европол и полициските сили во Холандија, Турција, Германија, Шпанија и Белгија, при што беа запленети имот во вредност од 400 милиони долари.