„Горам чевли и патики, некако треба да се греам“ – Дали функционира акцискиот план на државата?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е само еден од стотиците оџаци кои чадат во Скопје. Некои горат дрва, но има и такви што горат гуми или пластика. А, еден од нив вели дека ова го прави поради немаштија, бидејќи, како што вели, треба некако да се грее.

Според платформата „Ај Кју Ер“, Скопје и натаму се наоѓа во топ-10 градови со најзагаден воздух во светот, со индекс на загаденост 164, додека утрово беше на врвот на листата во Европа.

„Од министерството за екологија не добивме одговор пред камера, иако во текот на денот инсистиравме да добиеме информации за мерките што се преземени за лицата кои нелегално горат пластични материјали и гуми кои го загадуваат воздухот во екот на сезоната. Одговор не добивме ниту од Град Скопје, кои беа гласни преку соопштенија и социјалните мрежи, но не се појавија пред камера за да ни кажат кои се конкретните мерки за спречување на оваа појава“, вели репортерот на ТВ21.

Малку подоцна во текот на денот Министерството за животна средина и просторно планирање излезе со соопштение преку кое ги повикуваат сите надлежни институции, општините и Град Скопје интензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за сезоната на греење 2024-2025 “.

„Општинските инспекциски служби да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи особено во мали сервиси и погони. Граѓаните што ги затоплуваат домите со огревно дрво правилно да го користат, да не употребуваат пластика, гума, обработено дрво и отпадни материјали во интерес на сопственото здравје и здравјето на другите“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Но, не само домаќинствата, загадувањето често го предизвикуваат и индустриските капацитети. Од Министерството за животна средина велат дека во соработка со Државниот инспекторат спроведуваат зголемени и вонредни контроли во индустриските капацитети со интегрирана А-еколошка дозвола.