Горан Пандев утре последен пат ќе игра за Македонија!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев, денеска на официјалната прес-конференција во Амстердам пред утрешниот меч со Холандија, најави дека ќе го игра последниот натпревар во националниот тим.

„Ова за мене ќе биде последен натпревар за репрезентацијата. Верувам дека има квалитет во овие момци и дека ќе не радуваат и понатаму. Нема подобар момент од Европско првенство да се збогувам со националниот тим“, најави Пандев кој истакна дека и покрај тоа што знае дека го чека меч со емоции, знае како да се носи со нив.

Пандев игра веќе 20 години во националниот тим, и имаше една двогодишна пауза. Тој е играчот со најголем број на настапи за селекцијата, односно утрешниот ќе му биде 122-ри настап во селекцијата.

Селекторот Игор Ангеловски на прес-конференцијата кажа дека збогувањето на Пандев од националниот дрес, ќе биде дополнителен мотив за сите за добар резултат против Холандија.