Во Македонија постојат три главни типа на животно осигурување – ризико, мешовито и Unit Link осигурување, објасни осигурителниот брокер Горан Ѓорѓев, во гостувањето во емисијата Бизнис21 на ТВ21.
„Во последно време најзастапено е ризико осигурувањето. Се плаќа одредена премија за случај на несреќен настан, при што компанијата исплаќа сума на семејството на осигуреникот. Овој тип е особено популарен при земање кредити, бидејќи доколку на корисникот му се случи нешто, долгот го презема осигурителната компанија“, објасни Ѓорѓев.
Тој нагласи дека мешовитите полиси се меѓу најиновативните и најкорисни финансиски производи, бидејќи ги комбинираат заштедата и сигурноста.
„Со овие полиси клиентот штеди и истовремено решава долгорочни приоритети – најчесто прашањето за пензија – додека семејството му е заштитено во случај на несреќа. Во рамки на полисата може да се додаде и заштита од повреди, болести или операции“, рече Ѓорѓев.
Кај Unit Link полисите, пак, осигурителните компании дел од средствата на клиентите ги инвестираат во инвестициски фондови, со што овие производи претставуваат комбинација на осигурување и инвестиција, овозможувајќи поголема флексибилност и потенцијален принос за осигурениците.