Ѓорѓиевски и Мециновиќ ја интензивираат кампањата: Препукувања кој од кого добива поддршка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почна трката во вториот круг за избор на градоначалник на Скопје помеѓу Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ. Ѓорѓиевски денеска беше на координативна средба со советничкото мнозинство во Град Скопје. Порача дека има сериозно советничко мнозинство и дека фокусот ќе биде во враќање на функционалноста на градот.

Ќе разговараме за најгорливите прашања кои што ќе ни бидат сериозен фокус до Нова година, после изборите кои што треба да завршат за десетина дена од денес. За првиот ребаланс кој што ќе бидеме во можност да го направиме веднаш по влегувањето мое во Градот Скопје, заедно со сите советници, заедно со советничките групи, изјави Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски, смета дека неговиот противкандидат во вториот круг, Амар Мециновиќ и во првиот круг имал поддршка од ДУИ, а со повикот за поддршка од СДСМ нивната коалиција станала јавна.

Мециновиќ, пак со порака:

Мојот противкандидат зборува за тоа од каде ми доаѓале гласовите, од каде ќе ми дојдат гласовите и почнува да зборува за некоја теорија на заговор. Владиниот кандидат се сретна со ВРЕДИ ја доби нивната поддршка. Јас се среќавам со Скопјани и ќе продолжиме да се среќаваме со Скопјани затоа што скопјани се охрабрени и во се поголем број ќе излезат во вториот круг. Овој контингент кој го создадовме само ќе расте, вели Амар Мециновиќ, кандидат на Левица за градоначалник на Град Скопје.

Вториот круг од локалните избори е на 2 ноември, кога ќе биде решено кој ќе биде новиот градоначалник во следните четири години.