Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека Град Скопје во изминатиот период добива силна и конкретна поддршка од Владата, особено во делот на комуналната инфраструктура и јавниот превоз.
Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Ѓорѓиевски рече дека со премиерот разговарале за повеќе важни проекти, меѓу кои пречистителната станица и набавката на автобуси.
„Имаме силна поддршка од страна на Владата во изминатиот период. Не е само декларативна поддршката, туку станува збор за целосна поддршка кон Град Скопје и верувам дека така ќе продолжи и понатаму до крајот на мојот мандат“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека преку Светска банка и Министерството за транспорт и врски е обезбедена набавка на околу 40 камиони за потребите на градот.
„Завршен е рокот за жалби и постапката е комплетирана. Сега очекуваме, согласно договорот, да започне испораката на камионите. Тоа е сериозна помош за Град Скопје, особено ако се знае дека со години наназад не биле набавени возила за комунална хигиена“, рече тој.
Ѓорѓиевски додаде дека и самиот Град Скопје набавил дел од камионите, а во завршна фаза е и тендерската постапка за набавка на 2.600 нови контејнери.
„Тоа е уште една работа што не беше реализирана долги години. Очекуваме наскоро да заврши постапката и да започне испораката“, изјави градоначалникот.
