Прва подземна сообраќајница најави кандидатот за град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21. Како ќе ја реализира и која ќе биде трасата?
„Мене во овој дел од Скопје помеѓу Кисела Вода и Центар ќе ме паметат по „Лимак“, години после мене. Некој можеби ќе го промени асфалтот таму, некој можеби, не знам, ќе засади нови цвеќиња кај кружните текови кај „Нова Македонија“, но јас ќе бидам човекот кој ќе ја изгради првата подземна сообраќајница во градот Скопје „Лимак“. Останато е да се доасфалтира, таму има осум ленти, по три од страните има за двосмерен сообраќај на автомобили и во средината има уште две ленти за автобуси.“, изјави Ѓорѓиевски.
Но што со дивите депонии од кои најголем проблем создава Вардариште. Ѓорѓиевски најавува дека ќе ги претвори во паркови.
„Кога сме кај Вардариште, јас веќе најавив дека таму ќе никнат новите бели дробови на Скопје, односно мега парк кој што ќе го градам јас на површина од 300 илјади квадрати. Тоа не значи утре да почнеме да садиме трева на Вардариште, тоа подразбира процес на деконтаминација на целиот тој простор. Една од првите активности кои треба да ги направи човек кој што има чесни и сериозни намери за овој град да биде поубаво место за живеење и почисто со подобар воздух амбиентален е да се отстранат прво депониите.“, рече Ѓорѓиевски.
Околу плановите за подобрување на градскиот превоз Ѓорѓиевски најави 80 нови автобуси за Скопје уште на почетокот на наредната година.