Ѓорѓиевски: Темелно го чистиме Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска е започната сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, во која се вклучени сите јавни претпријатија на градот.

Како што соопшти Ѓорѓиевски, Град Скопје е целосно мобилизиран со цел уредување и подобрување на состојбата во овој значаен здравствен комплекс, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата. Акцијата, како што посочи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки од јавноста за долгогодишната негрижа кон просторот на Клиничкиот центар.

Во рамки на активностите се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната вегетација, се чистат сливниците, се метат сите површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Целта е секој агол од комплексот да биде уреден и Клиничкиот центар да добие изглед каков што заслужува.

Ѓорѓиевски нагласи дека ова не е еднократна акција, туку почеток на континуирана грижа, додавајќи дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина, во интерес на скопјани и на сите граѓани на Македонија.