Гостивар: 109 нови случаи од епидемијата – Клековски: Епидемијата се смирува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До денес попладне во Гостивар се евидентирани 109 нови заболени од контаминираната вода. Во последните четири дена бројот на нови случаи се движел од 80 до 125 дневно, а вкупниот број достигна 4.303. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека бројот во последните четири дена се движел меѓу 80 и 125, но додаде дека не може прецизно да се утврди колкав дел од нив се дел од вообичаената состојба, а колкав се поврзани со епидемијата.

„Акутната фаза на епидемијата во Гостивар се смирува. Во консултација со Комисијата за заразни болести одлучивме да воведеме засилен надзор за постакутната фаза“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Тој ги повика матичните лекари и здравствените установи во Гостивар да се фокусираат на претстојните предизвици, особено на следење на хепатитис А и Е, како и на други заразни заболувања што би можеле да се појават по епидемијата.

„Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари. Ќе бидат дадени и насоки за комуникација со граѓаните. Од суштинско значење е раното препознавање на случаите, за здравствените институции да можат навремено и соодветно да реагираат. Капацитетите за тестирање се подготвени“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Во однос на користењето на водата, Клековски повтори дека таа може да се користи за лична хигиена, но не и за пиење или за миење и подготовка на храна.