Гостивар пред враќање на водата за пиење – последните тестови се позитивни, но сè уште се чека официјална потврда!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Водата за пиење и понатаму е забранета за консумирање од водоводот во градот Гостивар.

Екипата на ТВ21 денеска беше во овој град, каде што од Локалниот кризен штаб ни соопштија дека продолжуваат со работата на терен за да им помогнат на жителите.

Според нив, во четири населени места се врши снабдување со техничка вода, додека на пет определени точки продолжува дистрибуцијата на флаширана вода за пиење.

Зуди Џелили ги појасни деталите за зоните кои се покриваат со техничка вода, како и за поддршката на здравствените институции.

„Локалниот кризен штаб се занимава со дистрибуција на техничка вода за четири населени места, како што се селото Дебреш, селото Беловиште, населбата Фаснери и населбата Тулана. Така што, освен со оваа техничка вода, го снабдуваме и одделението за дијализа, додека точките за дистрибуција на вода за пиење се истите. Односно, одредена количина доаѓа од Владата, одредена количина доаѓа од различни општествени организации, приватни компании и бизнис-секторот“, порача Зуди Џелили.

Сепак, позитивни сигнали доаѓаат од последните лабораториски анализи. Џелили информираше дека физичко-хемиските и биолошките параметри покажуваат значително подобрување, што дава надеж дека наскоро водата од градскиот водовод повторно ќе биде безбедна за употреба.

„Исто така, ги очекуваме последните резултати кои се добри, како во однос на количината на хлор, така и во однос на биолошките резултати, кои се добри, и очекуваме во наредните денови водата да биде за пиење од системот за снабдување, од водоводот Гостивар, и да се зголеми количината на вода за населените места кои имаат понизок притисок во текот на денот, додека навечер има малку снабдување“, вели Зуди Џелили.

До добивањето на официјална потврда од здравствените власти, останува во сила препораката водата од водоводната мрежа да не се користи за пиење.