Гостивар се враќа во нормала, водата сѐ уште не е за пиење поради нова бактерија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гостиварци велат дека состојбата со епидемијата предизвикана од загадената вода се смирува и дека ситуацијата постепено се враќа во нормала.

Откако беше дадено зелено светло водата да може да се користи за техничка употреба, очекуваат во текот на оваа недела водата од водоводот да може да се користи и за пиење.

АНКЕТА СО ГРАЃАНИ:

– Овие Швајцарци што доаѓаат тука не знаат дали водата се пие или не. Треба да ја затворат чешмата, а со што ја затвориле…
– Дали се врати нормалноста како што беше пред две недели?
– За мене, да, се врати.
– Засега сме мирни, а оваа недела велат дека водата ќе биде и за пиење.

Но, кога точно водата ќе може да се користи и за пиење, сè уште не се знае.

Запрашан за ова, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во овој момент водата останува само за техничка употреба.

„Зошто? Затоа што сега во мрежата веќе нема фекални колиформни бактерии, но се појави нова бактерија. Таа е присутна во инсталациите бидејќи тие долго време не биле користени, а сега, по нивното чистење и хиперхлорирање, се појавува во мрежата. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, а потоа водата да биде безбедна за пиење и да може да се користи и за готвење.“, рече Мицкоски.

Во последните 24 часа, во болницата во Гостивар се јавиле 71 пациент со симптоми на труење и болки во стомакот. Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека бројот на пациенти е во опаѓање, што според него е резултат на подобрувањето на квалитетот на водата во водоводната мрежа. Тој додаде дека и во нормални услови, во текот на летната сезона, може да има околу 50 до 60 пациенти дневно, бидејќи не сите граѓани ги почитуваат здравствените упатства и препораки.

„Имаме искуство од претходните епидемии и пандемии и знаеме дека некои луѓе се дисциплинирани, а некои не. Но, она што за мене е показател е намалувањето на бројот на пациенти на 71. Тоа е бројка што Гостивар би ја имал и во еден нормален период, кога би имало околу 50 до 60 пациенти дневно со стомачни тегоби. Тоа е резултат на правилниот третман на водата. Колку повеќе се подобрува нејзиниот квалитет, толку повеќе ќе се намалува бројот на случаите поврзани со водата.“, изјави Клековски.

Да потсетиме, водата во Гостивар беше загадена откако во употреба беа пуштени три пумпи од надворешен канал. Поради овој случај беа приведени директорката на јавното комунално претпријатие во Гостивар, заедно со двајца нејзини соработници.
Кризата го достигна својот врв на 14 јули, кога во градската болница лекарска помош побараа околу 600 пациенти со болки во стомакот, дијареја, повраќање и висока температура.