Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека Гоце Седлоски повеќе не е селектор на Македонија. Како што велат од таму, договорот е спогодбено раскинат. Од ФФМ велат:
„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал. Гоце не е само селектор кој ја предводеше репрезентацијата во еден период.
Тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал.
Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал, се вели во извстувањето на ФФМ.
Инаку, Седлоски на 22 декември 2025 година беше назначен за нов селектор, а дебитираше против Данска во полуфиналето од баражот за Светското првенство 2026, каде доживеа пораз од 4:0. Седлоски нема победа по 10 натпревари, на кои ја предводеше селекцијата. Македонија има два нерешени резултати и осум порази, со само еден постигнат гол.
Резултати на Гоце Седлоски како селектор на Македонија:
• 26.03.2026: Данска – Македонија 4:0
• 31.03.2026: Ирска – Македонија 0:0
• 29.05.2026: БиХ – Македонија 0:0
• 01.06.2026: Турција – Македонија 4:0
• 26.09.2026: Македонија – Швајцарија 0:3
• 29.09.2026: Словенија – Македонија 2:0
• 03.10.2026: Македонија – Шкотска 0:2
• 06.10.2026: Швајцарија – Македонија 3:0
• 13.11.2026: Шкотска – Македонија 2:1
• 16.11.2026: Македонија – Словенија 0:3
Вкупен учинок: 10 натпревари, 0 победи, 2 нерешени и 8 порази. Гол-разлика: 1:23.
