Веќе трета година Град Скопје го реализира проектот „Дрво за секое дете“. Да потсетиме дека ова беше едно од ветувањата во предизборната кампања на Петре Шилегов.
Со желба да се надомести изгубеното зеленило во градот, а воедно да се создаде и нераскинлива врска на младите скопјани и скопјанки и засаденото дрво во чест на нивното раѓање, почна оваа убава приказна со „Дрво за секое дете“.

Дрвото на новороденчињата се засадуваше и ќе се засадува во сезонските акции на Градот, односно напролет и наесен, на расположива локација по избор на родителите на детето. Родителите ќе можат да изберат дрвото со плочката со името и датумот на раѓање на новороденчето, коешто ќе расте заедно со нивното дете, дали ќе биде дел од новосоздадените дрвореди по скопските улици или булевари, паркови, скверови или плоштади во Скопје.
Со ова можност да го изберат местото за засадување на дрвото Градот сака да им овозможи на родителите и децата што почесто да го гледаат дрвото како расте и се развива, односно да создадат врска за целиот живот.
