Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, одржа средба со бизнисмените кои ја развиваат својата дејност во оваа општина. Целта на средбата беше идентификување на предизвиците со кои се соочуваат локалните бизниси и адресирање на нивните барања за подобрување на условите за водење бизнис. Бизнисмените изнесоа низа проблеми поврзани со инфраструктурата, комуналните процедури, градежните дозволи, проширувањето на производствените капацитети, како и потребата од поголема поддршка во развојот на економските активности.
„Инфраструктурата е потреба, доколку можете да ни ја овозможите.“
„Важно за нашиот град и за економијата на државата е инфраструктурата во индустриските зони.“
„Луѓето во Кичево немаат што да прават, немаме никаква забава во Кичево. Од сабајле до вечер сите сме по кафулиња, сите се знаеме – и вие, и тие. Да промениме нешто за да одиме напред, спортот да биде на прво место, а градот да може да им понуди нешто на децата кога ќе излеземе надвор.“, вели бизнисмен.
Градоначалникот Јовановски истакна дека општината останува отворена за постојан дијалог и дека приоритет на локалната администрација е создавање услови кои ќе ја олеснат работата на бизнисите. Тој рече дека сите поднесени барања ќе бидат сериозно разгледани, а најави и преземање конкретни мерки за решавање на дел од покренатите прашања.
„Знам дека се соочувате со многу проблеми и најпрво сакам да ги запознам вашите проблеми, а потоа да ги вметнеме во нашите програми за развој.“, порача Александар Јовановски.
На состанокот присуствуваше и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, кој ќе и помогне на општината за поефикасно планирање на општинскиот буџет за 2026 година.
„Општината има релативно сиромашен буџет, кој со добра работа може да се стави во функција за исполнување на потребите на граѓаните и бизнисите.“, вели Зоран Ставревски
Учесниците се договорија вакви средби да се одржуваат почесто, со цел комуникацијата меѓу општината и приватниот сектор да биде поефикасна и посистематизирана. Тие оценија дека институционалната соработка е клучна за економскиот развој на Кичево и за создавање конкурентна и одржлива бизнис-клима за локалните компании.
