Денеска во просториите на Град Скопје, се одржа средба помеѓу градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Ѓорѓиевски потенцираше дека двајцата разговарале за заедничките проекти кои ќе ги реализираат во следниот период.
„Главни теми на состанокот беа подобрувањето на транспортниот систем преку реализација на проектот Градски воз, набавката на нови, еколошки автобуси за градскиот превоз, како и модернизацијата на инфраструктурата во Скопје.
Министерот Николоски ја потенцираше силната заложба на Владата за реализација на капитални инвестиции во главниот град како темел на неговиот иден развој.
Заеднички заклучивме дека Скопје има потреба од нов план за трансформација на градскиот сообраќаен систем, кој ќе донесе поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот за граѓаните.
По започнувањето на изградбата на првата од трите линии на Градскиот воз, следен приоритет ќе биде подготовката на другите две линии кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци.
Градот Скопје е веќе во комуникација со Владата на Република Македонија за набавка на нови еколошки автобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво.
Искрено ја изразувам својата благодарност до Премиерот Христијан Мицкоски, министерот Александар Николоски и целата Влада за нивната постојана поддршка и визија.
Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, со посветеност и со јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
