Граѓаните чекаат со часови во Кичево – Владата забрани групирања на јавен простор, но не и пред банките!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат долгите колони пред банките во Кичево. Главно граѓаните кои чекаат со часови се повозрасните, категорија најзагрозена од коронавирус.

Велат дека за да ги подигнат пензиите секој месец чекаат со часови пред банка. Иако стравуваат од пандемијата, велат дека мораат да ги плаќаат сметките навреме, бидејќи не се знае уште колку ќе потрае оваа состојба.

Граѓаните кои чекаат повеќе од еден час за да влезат во банка, велат дека банките треба да го зголемат бројот на вработените, со цел да се намалат долгите редици.

„Веќе час и пол. Држиме дистанца од 1.5-2 метри. Секако дека се плашиме, ако не се плашиме можеме да се заразиме и толку….“, вели граѓанин.

„Веќе половина час. Држиме дистанца. Кога би имало повеќе вработени внатре, би се работело побрзо. Ова е единственото решение. Внатре работат малку луѓе, а видете колкави редици има“, изјави граѓанин.

Граѓанин: Дојдов да ја подигнам пензијата.
ТВ21: Секој месец чекате за да ја земете пензијата или да ги платите сметките?
Граѓанин: Да. Таму има назначени луѓе кои знаат што да преземат.

На 9 ноември, Владата донесе одлука за забрането групирање на повеќе од четворица на јавен простор. Но, само 2 дена подоцна, на 11-ти, излезе со одлука дека забраната за ваквите групирања ќе има исклучоци. Групирања, запазувајќи ги протоколите се дозволени за:

  • За родители со деца од исто семејство
  • При организирање настава на отворено, како дел од формалното образование во образовните институции
  • При чекање на постојка за превоз на патници
  • При професионални спортски тренинзи и натпревари
  • При организирање службени состаноци
  • При вршење работни задачи од вработени лица во есенцијални служби како полиција, војска, противпожарна служба, обезбедување, здравство и слично.
  • За лица во вршење работни задачи при давање прва помош во животно – загрозувачки состојби.
  • За лица кои чекаат ред пред оператор со одржување на дозволеното минимално растојание од најмалку 1,5 до 2 метри при добивање на услугата.
  • За вршење на други активности кои се утврдени и се одвиваат со задолжително почитување на времените мерки.

Периодов бројот на новозаразени во Кичево значително е зголемен. Од почетокот на пандемијата во оваа општина се регистрирани 817 дијагностицирани, а во моментов има 334 активни случаи.