Секоја година им е се потешко на граѓаните кои се греат на дрва, бидејќи се тешко достапни и многу скапи. Најниската цена е 50 евра за метар кубен.
Последица на ова се многуте пожари кои ги изгореа планините кај нас. Тоа доведе до зголемени контроли во планините поради дивите дрвосечачи, од кои се снабдуваат најголемиот дел од граѓаните.
Жителите со кои разговараше ТВ21 велат дека не знаат од каде да набават! Дрва нема, струјата скапа, а зимата тропа на врата!
ТВ21 контактираше со Шумското претпријатие Лапушник во Кичево. За разлика од минатите години, велат дека годинава обезбедиле повеќе дрва за граѓаните и велат дека во моментот има дрва во складиштето на подружницата. Но, на државно ниво состојбата е хаотична и нема резервни количини во складиштата во многу подружници, бидејќи 400 теренски работници беа ангажирани од претходната власт да сечат дрва, но тие седат во канцеларии и не сакаат да ги извршуваат своите должности, изјави новиот директор на Национални шуми Здравко Трајанов.
Потсетуваме дека подружницата Лапушник Кичево во последните три години од претходните раководители имала повеќе коруптивни афери за злоупотреба на службената положба, како и штета на фирмата од 300 илјади евра, постапка која е во тек, како што покажува истражувањето на EuroThink во 2021. Во ваква ситуација се и многу други подружници на земјава, што предизвика долгот на државното претпријатие Национални шуми да достигне 10 милиони евра.